top of page

КАКО ДА ГО ОСВЕТЛИТЕ ВАШЕТО ВИДЕО БЕЗ ДА ТРОШИТЕ МНОГУ ПАРИ?

Кога гледаме видеа, а тоа го правиме секојдневно на нашите телефони, лаптопи и телевизори, ние уживаме во содржината гледајќи го тоа што се наоѓа пред камерата. Но, за едно видео да биде успешно тоа што се случува зад камерата е исто толку важно како и тоа што се случува пред камерата.

видео, видео продукција, видео маркетинг, видео реклами, осветлување, снимање видеа

Еден од најважните аспекти на доброто видео е осветлувањето. Без добро (и соодветно) осветлување речиси е невозможно да снимите видео кое ќе го привлече вниманието на потенцијалните гледачи. Затоа, во овој блог пишуваме за осветлувањето; зошто е важно, и кои се некои од најчестите начини на кои можете да користите светло кога снимате видео, без притоа да потрошите многу пари за таа намена.



ЗОШТО Е ПОТРЕБНО ОСВЕТЛУВАЊЕ?


Целта на камерата е на некој начин да функционира како човековото око и примајќи светлина да ја перцепира околината. Но, без разлика колку се добри денешните камери, нивото на светлина кое тие го примаат сѐ уште не е толку добро како што тоа може да го направи човековото око. Затоа, на камерите им е потребно светло кое ќе им помогне во начинот на кој ги перцепираат нештата околу себе.


Затоа, на светлото треба да се гледа како на помошна алатка во снимањето видеа; алатка која е од суштинско значење во снимањето добри и квалитетни видеа. Камерите имаат способност на одреден начин да надокнадат за недостатокот на светло, а тоа се постигнува така што треба да се зголеми осетливоста на камерата на светлина (овој сетинг во камерата се нарекува ISO).


Но, колку повеќе се зголемува осетливоста на камерата на светлина, толку повеќе се губи чистата и квалитетната слика во видеото. Тоа значи дека квалитетот на видеото се намалува како што бројката на ISO во камерата се зголемува. Истото важи и за сликите, не само фотоапаратите, туку и мобилните телефони кога се поставени на мануелно сликање ви даваат опција да го подесете нивото на ISO.


Ако сакате да снимите видео кое е јасно, со чиста и квалитетна слика потребно е осетливоста на камерата кон светлина да ја намалите. Тука на сцена стапува осветлувањето, кое доколку е добро поставено ќе и помогне на камерата добро и соодветно да ја перцепира околината, без притоа да мора да се ‘измачува’.



ДВА КРЕАТИВНИ НАЧИНИ


Има многу типови на осветлувања кои се користат во филмската продукција, но добар дел од нив бараат голем буџет и многу опрема. Со оглед на тоа што во овој блог размислуваме за снимање видеа во домашни услови, ќе спомнеме два најчести типови на осветлување, за кои не е потребно да вложувате многу финансии, а сепак вршат одлична работа!


1. Природно светло


Ова е најефтината опција кога станува збор за осветлувањето во вашите видеа, затоа што не бара финансиска инвестиција од ваша страна. Доколку сакате да снимате видео во домашни услови, доволно е да застанете близу некој поголем прозорец од кој влегува дневна светлина, и на тој начин веќе имате осветлување за вашето видео. Но, има уште нешто!


За осветленоста на вашето лице да дава подобар ефект, обидете се да не се свртувате директно кон прозорецот со своето тело, туку малку настрана. На тој начин осветленоста на вашето тело и лице нема да биде рамноправна и ќе се создадат сенки на онаа страна од лицето која не е свртена кон прозорецот. Ова е техника која многу често се користи од професионалните видеографи при снимање на интервју или монолог.

видео, видео продукција, видео маркетинг, видео реклами, осветлување, снимање видеа

Природното светло можете да го користите и кога снимате надвор. Но, како и при снимањето во домашни услови, мора да имате на ум дека природното светло може да се менува. Времето може да е сончево во еден миг, а неколку минути потоа да е облачно. Таквата промена во природното осветлување значително (и негативно) ќе влијае врз квалитетот на вашето видео.


Затоа, доколку сакате да снимате видео користејќи природно светло, добро ќе биде на денот кога ќе снимате да знаете каква ќе биде временската прогноза и согласно да го планирате своето снимање. Во секој случај, обидете се да снимате во исти услови; или вашето видео да биде снимено кога е само сончево, или кога е само облачно, за да нема големи разлики во осветлувањето.


2. Осветлување со само едно светло


Идејата и поставеноста на осветлувањето со само едно светло е речиси иста како и онаа со користењето светлина од прозорец како извор на светлина. Ваквиот тип на осветлување е најефтина опција која ненеопходно вклучува природно светло, а истата многу често се користи за осветлување на личности кога се снимаат професионални видеа.


Нејзината предност во споредба со природното осветлување е во тоа што со овој тип на осветлување не сте ограничени од временските услови, ниту пак мора да снимате само во текот на денот кога надвор е светло.


Како извор на светлина при ваквиот начин на осветлување можете да користите различни извори. Од домашна ламба, или некој послаб релфлектор (нешто со кое можете да почнете), па сѐ до професионално светло за видео (нешто кон кое би требало да се стремите).


За сенките на вашето лице да не бидат остри, при ваквиот вид на осветлување препорачливо е да го омекнете светлото. Омекнувањето на светлото може да се направи на неколку начини. Но, главната идеја е да имате одреден вид на материјал кој ќе го поставите пред вашиот извор на светлина, кој ќе го спречи истиот директно да ве осветли. Доколку не сакате да трошите финансии за оваа цел, на интернет можете да најдете многу креативни идеи како можете да го направите тоа.

видео, видео продукција, видео маркетинг, видео реклами, осветлување, снимање видеа
Сликата е преземена од: https://www.premiumbeat.com/blog/cinematography-tip-how-to-create-soft-diffused-light/


ЗАКЛУЧОК


Осветлувањето е важен и неопходен дел од доброто видео. Во овој блог накратко се обидовме да покажеме и докажеме дека не мора да потрошите многу пари за добро да осветлите едно видео. Потребна е желба за учење и да се биде креативен! Во следниот блог ќе пишуваме за уште еден вид на осветлување кој е еден од најчестите начини на кои професионалците осветлуваат личности за време на интервјуа или монолог.



тагови


20 views
bottom of page