Живееме во време во кое секој од нас има фото и видео камера во својот џеб. Паметните телефони стануваат сѐ понапредни не само во нивниот изглед, туку и во камерите кои се инсталирани во нив. Следствено, секој од нас има силна алатка во џебот која секојдневно се користи, како за сликање/снимање на најблиските, така и за правење на полупрофесионални слики и видеа.
Доколку сте дел од оние корисници на паметни телефони кои сакаат да експериментираат со снимање и обработка на видеа, овој блог е дефенитивно за вас. Се разбира, овој блог не се однесува само на оние кои сакаат да снимаат со своите телефони, туку и на оние кои тоа го прават со засебни полупрофесионални и професионални дигитални камери.
Во овој и следниот блог ќе пишуваме за четири најпознати софтвери (програми) кои можете да ги користите за обработка на вашите видеа. Имаме добра и лоша вест. Добрата вест е дека два од овие четири софтвери се бесплатни, а за другите два треба да платите доколку сакате да ги користите.
ADOBE PREMIERE PRO
Компанијата Adobe е позната по тоа што нуди креативни софтвери кои се користат за различни намени: анимација, обработка на фотографии, форматирање на документи и книги, креирање на графика, и сл. Едно од многуте софтверски решенија кое Adobe ги нуди се нарекува Premiere Pro и е софтвер за обработка на видеа.
Premiere Pro е можеби најпознатиот и најкористениот софтвер за обработка на видеа затоа што нуди голем број можности, има интерфејс на кој корисниците можат релативно лесно да се снајдат, и за разлика од некои други софтвери, овој е достапен за двата најпознати оперативни системи: Windows и macOS.
Иако Premiere Pro ги има сите карактеристики на професионален софтвер за обработка на видеа, истиот може да се користи и од креативни поединци (или сопственици на бизнис кои сакаат да го подобрат својот видео маркетинг) кои се спремни да одвојат неколку часа и да ги научат основите на обработка на видеа.
Овој софтвер ви ги нуди сите можности кои ќе ви затребаат кога станува збор за обработка и монтирање видеа: сечење и монтирање на неколку клипови во едно, обработка на боите и светлоста во видеата, додавање слики, текст и графика, вметнување транзиции помеѓу клиповите, итн.
Во сето ова треба да имате една важна информација на ум, а тоа е дека Premiere Pro е софтвер кој се плаќа. За разлика од останатите софтвери за кои пишуваме во овој блог, Premiere Pro е единствениот кој не можете да го купите, туку за негово користење треба да плаќате месечна претплата од 19$. Позитивни страни Premere Pro:
+ Високо професионален софтвер
+ Ви нуди се што би можело да ви треба за обработка на видеа
+ На интернет има голем број корисници кои преку видеа ви објаснуваат
како да го користите софтверот
+ Има повеќе опции за обработка на видео и аудио во споредба со други
софтвери Негативни страни на Premiere Pro:
- Во споредба со некои други софтвери не е толку едноставен за
користење
- Не можете да го купите, туку постојано треба да сте на претплата
FINAL CUT PRO
Ако сте љубител на компјутерски програми кои се едноставни и лесни за разбирање, Final Cut Pro e софтверот кој сигурно ќе ви се допадне. Како и поголемиот дел од програмите кои се користат исклучиво на macOS, и Final Cut има минималистички интерфејс (изглед) за кој ќе ви биде потребно релативно кратко време да го разберете и користите. Инаку да, една од главните причини поради кои Final Cut Pro е софтвер кој не е за сите е затоа што истиот е креиран само за macOS системот. Што значи дека ако немате iMac, MacBook или Mac mini уред - нема да можете да ја користите оваа програма.
Но, за сите корисници на macOS уредите кои сакаат да научат да обработуваат видеа, Final Cut Pro e супер опција која ние како видео продукција искрено би ви ја препорачале. Со години го користиме исклучиво овој софтвер затоа што истовремено е едноставен за користење, но и професионален.
Како и Premiere Pro, така и Final Cut Pro е дигитална алатка која треба да ја платите доколку сакате да ја користите. Предноста на Final Cut Pro е во тоа што плаќањето се врши само еднаш, и потоа софтверот е ваш, а со него ви следуваат и сите идни апдејти. Моментално, цената изнесува 299$.
Позитивни страни Final Cut Pro:
+ Високо професионален софтвер
+ Лесен за користење
+ Минималистички изглед
+ Apple ви нуди опција за тест период од 90 дена пред да се одлучите
дали да го купите софтверот
+ Голема онлајн поддршка преку YouTube видеа за негово користење
+ Го плаќате еднаш и засекогаш е ваш
+ Препорачан од страна на ЛинкАкрос Видео Продукција :) Негативни страни на Final Cut Pro:
- Можат да го користат само оние кои имаат macOS уреди
- Не е ефтин во споредба со некои други софтвери за обработка на видеа
- Доколку имате уред со macOS, заедно со оперативниот систем
добивате и iMovie - бесплатен софтвер за основна обработка на видеа кој
може да е доволен за вашите потреби и доволно добра причина да не
потрошите 299$ за купување на Final Cut Pro
тагови
Comments