Живееме во време во кое секој од нас има фото и видео камера во својот џеб. Паметните телефони стануваат сѐ понапредни не само во нивниот изглед, туку и во камерите кои се инсталирани во нив. Следствено, секој од нас има силна алатка во џебот која секојдневно се користи, како за сликање/снимање на најблиските, така и за правење на полупрофесионални слики и видеа.
Доколку сте дел од оние корисници на паметни телефони кои сакаат да експериментираат со снимање и обработка на видеа, овој блог е дефенитивно за вас. Се разбира, овој блог не се однесува само на оние кои сакаат да снимаат со своите телефони, туку и на оние кои тоа го прават со засебни полупрофесионални и професионални дигитални камери.
Како и во претходниот, и во овој блог ќе пишуваме за два познати софтвери (програми) кои можете да ги користите за обработка на вашите видеа. Овојпат, ќе пишуваме за бесплатни софтвери.
iMOVIE
Како што спомнавме во минатиот блог (кога пишувавме за причините поради кои не би требало да го користите Final Cut Pro), корисниците на компјутери со macOS систем со iMovie добиваат софтвер за основна обработка на видеа. iMovie е бесплатен програм кој доколку имате можност - вреди да го пробате.
Мнозинството професионалци, на iMovie со право гледаат како на видео софтвер кој е за почетници. Во споредба со Final Cut и Premiere Pro, овој софтвер не нуди доволно опции и токму затоа речиси никогаш не се користи за високо професионална видео обработка. Но, тоа не значи дека вие не треба да го користите. Се разбира, како и со користењето на Final Cut, овој софтвер е ограничен исклучиво за корисниците на Apple производите. Што значи дека ако немате Apple уред - немате можност да го користите iMovie.
Но, сите останати кои имаат Apple уреди и сакаат да научат обработка на видео, дефинитивно треба да го пробаат iMovie, бидејќи едноставноста на овој софтвер и неговите органичувања можат да бидат добра почетна точка и врата за влез во светот на видео продукцијата.
Фактот што станува збор за софтвер кој не се користи од страна на поголемиот дел професионалци не треба да бе обесхрабри. Не е важно што користат професионалците, туку што е тоа што вам ви врши работа. Ако iMovie го прави тоа, зошто би трошеле пари за софтвер за обработка на видеа кога истите тие средства ќе можете да ги искористите за надградување на вашата опрема за снимање видео?
Позитивни страни iMovie:
+ Добар за почетници кои сакаат да учат обработка на видеа
+ Бесплатен
+ Има доволно функционалности кои ќе ја завршат работата во голем број случаи
+ Како и другите Apple софтвери има минималистички изглед и е релативно лесен да се разбере
Негативни страни на iMovie:
- Можат да го користат само оние кои имаат macOS уреди
- Помалку функционалности во споредба со други софтвери
- Доколку планирате да се занимавате со професионална обработка на видеа, треба да имате на ум дека еден ден ќе треба да го смените софтверот и да користите подобар
DAVINCI RESOLVE
Вториот софтвер за обработка на видеа за кој пишуваме во овој блог е DaVinci Resolve, кој на некој начин е микс од бесплатен и софтвер кој треба да се плати. За разлика од Premiere Pro и Final Cut Pro кои мора да ги платите за да ги користите, со DaVinci Resolve имате опција да користите бесплатна верзија. Но, доколку сакате повеќе фунционалности, ќе мора да го купите софтверот.
Кои се причините поради кои би го одбрале DaVinci Resolve како софтвер за обработка на вашите видео проекти? Овој софтвер има многу едноставен интерфејс кој е лесен за употреба. Не само тоа, туку има и голем број на функционалности и алатки со чија помош ќе можете да ги обработите вашите видео проекти.
Покрај тоа што ви нуди основна обработка на видеата (сечење и спојување на поголем број видеа во едно, кропирање на видеата), со овој софтвер добивате и многу други функционалности (можност за обработка на бои, транзиции, титлови, графики, можност за обработка на аудио) поради кои е навистина тешко да се најде подобар бесплатен софтвер на пазарот. Како што спомнавме претходно, со DaVinci Resolve имате две верзии: платена и бесплатна. Бесплатната верзија е можеби најдобриот бесплатен софтвер за обработка на видеа на пазарот. Но, доколку имате потреба од повеќе функционалности (обработка на снимки со поголема резолуција од 4К, попрофесионални можности за ‘играње’ со бои, споделување на работната верзија на видео проектите онлајн, и сл.), тогаш DaVinci Studio е софтверот кој ви е потребен. Неговата цена е речиси иста како и онаа на Final Cut Pro = 295$.
Позитивни страни DaVinci Resolve:
+ Основната верзија на софтверот е бесплатна
+ Нуди професионални функционалности
+ Релативно едноставен е за работа
+ Нуди голем број од функционалностите на платените софтвери
+ На интернет има сѐ повеќе корисници на овој софтвер, што значи дека онлајн платформата за поддршка и помош сѐ повеќе се зголемува
Негативни страни на DaVinci Resolve:
- За да го користите софтверот без проблеми, потребно ви е да имате минимум 16GB RAM во вашиот компјутер
- Доколку сакате пристап до сите функционалности кои софтверот ги нуди, потребно е да ја купите DaVinci Studio верзијата
тагови
Kommentare