Во минатиот блог пишувавме за предностите кои дигиталните фотоапарати ги имаат во споредба со камерите кои се наоѓаат во нашите паметни телефони. Доколку не го прочитавте тој блог, сега е време да го сторите тоа, за да имате подобра и поцелосна слика во врска со оваа тема.
За разлика од онаа во минатиот, премисата на овој блог ќе биде малку поинаква. Имено, како што дигиталните фотоапарати имаат одредени предности пред камерите од паметните телефони, така и користењето на камерите од паметните телефони има одредени предности.
Генерално гледано, предностите на камерата од паметниот телефон не се однесуваат на квалитетот на сликата, туку на некои други аспекти кои во дадени моменти ќе бидат од исклучителна важност за вас.
1. ПРЕНОСЛИВОСТ
Една од очигледните разлики и предности на користењето камера од паметен телефон е преносливоста. Со оглед на тоа што паметниот телефон го носиме со себе каде и да одиме, тоа значи дека не мора да се грижиме дали со себе имаме камера која ќе ни помогне да ги овековечиме важните и планирани (или спонтани) настани кои се случуваат пред нас.
Од друга страна, ако сакате тоа да го сторите со дигитален фотоапарат, тоа би значело дека каде и да одите со вас ќе треба да носите мала торба или ранец во кој ќе го складирате. За некои луѓе тоа може да не е проблем, но за многумина ќе биде, бидејќи речиси при секое излегување ќе треба да мислат со себе да го земат апаратот, да имаат полни батерии за истиот и сл.
2. ПОВРЗАНОСТ
Втората важна предност на паметните телефони е што сите имаат опција за поврзување со интернет. Паметните телефони ви нудат опција да ги објавите вашите слики/видеа на интернет со само неколку допири на екранот. Со паметниот телефон можете да ги споделите сликите/видеата на социјалните медиуми во рок од 10-15 секунди и тековно да ги известите вашите пријатели каде се наоѓате, што правите, со кого сте и сл.
За разлика од паметните телефони, дигиталните фотоапарати ја немаат можноста директно да се поврзат со интернет и за тоа им е потребен еден вид на посредник, било тоа да е паметен телефон, таблет или компјутер. Тоа може да го искомплицира процесот на споделување на содржината бидејќи треба прво да ги префрлите сликите, па потоа да ги објавите.
3. МОЖНОСТ ЗА ОБРАБОТКА
Постојат голем број на апликации кои можете да ги инсталирате на вашиот паметен телефон, а чија цел е да ви помогнат да извршите основна обработка на сликите и видеата кои сте ги направиле. Во некој од следните блогови ќе пишуваме за најдобрите и најкористните апликации за таа намена.
Но, една од главните предности на користењето паметни телефони во споредба со дигитални фотоапарати е токму таа: можноста за директна обработка на сликите и видеата. За разлика од паметните телефони, дигиталните фотоапарати ја немаат таа опција, и ако сакате да ги обработите вашите слики/видеа, прво ќе треба да ги префрлите на телефон/компјутер и таму да го завршите овој процес. Исклучок од ова правило се некои понови (и доста скапи) дигитални фотоапарати кои имаат можност за директна (но и ограничена) обработка на сликите и видеата.
Како и со претходната точка, предноста на паметните телефони во овој аспект е што ви заштедуваат време - што многу често е од исклучителна важност.
4. НАМЕНА
Паметните телефони се на некој начин мини компјутери кои секојдневно ги носиме во нашите џебови. Од таа гледна точка, една од главните предности е во тоа што не ги користиме само за сликање, туку и за многу други активности и потреби. Сликањето и снимањето се само две од намените за кои ги користиме паметните телефони, но покрај тоа ги користиме и за повици, онлајн состаноци, социјални медиуми, игри, забава, вести и сл. Дигиталните фотоапарати се крајно ограничени во овој аспект. Нивната единствена намена е сликање и снимање, и ништо повеќе. Како што пишавме во минатиот блог, ова може да биде предност за дигиталните фотоапарати, но исто така може да биде предност и за паметните телефони - сѐ зависи од која перспектива ќе му пристапите на прашањето.
_____
И покрај тоа што дигиталните фотоапарати нудат подобар квалитет на слика, сепак и паметните телефони имаат одредени предности кои треба да се земат во предвид. Иако не можеме да кажеме дека паметните телефони можат да направат висококвалитетни слики, сепак доколку внесете малку креативност во сликањето, сигурно ќе бидете изненадени од можностите кои ви ги нуди уредот кој го носите со себе каде и да одите. Ќе се уверите дека има вистина во народната изрека која вели: „Не е до алатот - до мајсторот е“ :)
тагови
Comentários