Според некои истражувања, само на фејсбук и инстаграм се споделуваат околу 3,4 милијарди слики дневно. Ако го пресметаме тоа во просек со светската популација, тоа би значело дека речиси секој втор човек во светот споделува по една фотографија на ден на социјалните медиуми.
Без разлика дали станува збор за физички лица кои сакаат да им покажат на пријателите каде се и што прават, или бизниси кои сакаат да ги промовираат своите производи и услуги пред (потенцијалните) клиенти, споделувањето фотографии е важно за голем број интернет корисници.
Доколку сте дел од оние кои редовно споделуваат фотографии на социјалните медиуми, и имате желба да ги обработите пред да ги објавите онлајн - овој блог е за вас. Во него ќе пишуваме за Adobe Lightroom - позната апликација која ви нуди основна и понапредна обработка на фотографии.
Вистина е дека некои од апликациите на социјалните медиуми (фејсбук и инстаграм) ви нудат можност да ги обработите фотографиите пред да ги споделите онлајн. Но, доколку тоа што го нудат овие апликации не ви е доволно, можеби Lightroom ќе ви го даде тоа што ви недостасува.
ADOBE
Компанијата Adobe е позната по тоа што им нуди одличен избор на апликации и софтвери на оние кои се занимаваат со дигитално креативна работа (фотографија, видео, графички дизајн, дигитална уметност и сл).
Во еден од нашите претходни блогови пишувавме за најдобрите и најкорисните софтвери за обработка на видеа, и покрај другото го спомнавме Adobe Premiere Pro како една од најдобрите опции за таа намена.
Доколку имате време и ве интересира таа тема, кликнете тука и прочитајте го тој блог.
LIGHTROOM
Кога станува збор за конкретната тема на денешниот блог (обработка на фотографии), понудата на Adobe се сведува на две многу корисни апликации: Adobe Lightroom и Adobe Photoshop. Всушност, има и трета опција, а тоа е Adobe Photoshop Express - софтвер кој содржи само дел од можностите кои ги нуди Adobe Photoshop.
Во споредба со Photoshop, Lightroom е попозната апликација за обработка на фотографиите, бидејќи нејзината намена е менување на боите, светлината, острината, сенките и сл. Од друга страна, Photoshop ви овозможува остранување на дамки од сликите, креирање маски, додавање текст и слични можности кои многу често им се потребни на оние кои се занимаваат со графички дизајн и дигитална уметност. Десктоп верзијата на Lightroom е можеби најпознатиот и најкористениот програм за обработка на фотографии помеѓу професионалците, што значи дека станува збор за софтвер кој е докажан како доверлив.
Како и десктоп верзијата, така и мобилната апликација Adobe Lightroom е моќна алатка која им овозможува на корисниците да ги организираат, обработуваат и споделуваат своите фотографии. Иако искуството при користењето на мобилната апликација е ограничено, сепак можностите кои ги нуди се речиси исти како десктоп верзијата.
Силната страна на Lightroom е тоа што нуди голем број можности за ‘играње’ со боите на фотографиите согласно вашиот вкус, како и други основни и напредни алатки кои ќе ви помогнат да ја подобрите светлоста, острината, сенките и сл. Исто така, Lightroom ви нуди над 50 филтри со кои обработката на фотографиите станува лесен и брз процес.
Не само тоа, туку со самата апликација добивате и неколку кратки видеа (туториали) во кои професионални фотографи ви објаснуваат како да го подобрите квалитетот на вашите фотографии користејќи го Lightroom. Всушност, доколку се одлучите да ја користите оваа апликација, нашиот предлог е прво да ги погледнете тие видеа, бидејќи се добар вовед во самиот софтвер и начинот на кој функционира.
Плус, со оглед на тоа што станува збор за апликација која ја користат голем број професионалци, и на YouTube можете да најдете многу видеа од кои ќе научите како да ја користите.
Има уште многу нешта кои можат да се кажат во однос на Adobe Lightroom, но можеби ќе биде најдобро доколку ја инсталирате и самите ја испробате. Ако имате време барем малку да ја проучите, ви гарантираме дека ќе ви се допадне и често ќе ја користите.
Основната верзија е бесплатна, и иако е со ограничени можности, за повеќето корисници ќе биде повеќе од доволна.
тагови
Comments