Постојат неколку аспекти на кои треба да внимавате доколку сакате да снимите добро и квалитетно видео кое ќе го привлече вниманието на интернет корисниците. Во минатите два блога пишувавме за важноста на светлото и кои се најчестите начини на кои би можеле да осветлите субјект (осветлување од една точка и осветлување од три точки).
Квалитетното видео е комбинација од добра слика и добар звук. За разлика од минатите два блога каде пишувавме за визуелниот дел од видеото, овојпат ќе зборуваме за звукот. Доколку снимате видеа во кои има зборување, и сакате да го подбрите начинот на кој го снимате звукот, овој блог е за вас!
ЗОШТО Е ПОТРЕБНО ДА СЕ ЗБОРУВА НА ОВАА ТЕМА?
Со оглед на тоа што сите фотоапарати и паметни телефони имаат микрофони, можеби некој ќе биде збунет за потребата да се зборува за тоа како да се добие квалитетно аудио за време на снимање видео. Но, без разлика колку се добри микрофоните на фотоапаратите/паметните телефони, сепак има начини како можете да добиете многу подобро аудио за вашите видеа од тоа што ви го нудат вашите уреди за снимање видео.
Доколку сакате да добиете добар звук на вашите видеа, потребно ќе биде да користите надворешен микрофон.
Надворешен микрофон е секој микрофон кој можете да го вклучите на вашиот фотоапарат/телефон или на надворешен аудио снимач. Нив ги има разни видови. Но, тоа што е важно е дека надворешниот микрофон секогаш ќе ви даде значително подобар звук од микрофонот на фотоапаратот/телефонот.
ТИПОВИ НА НАДВОРЕШНИ МИКРОФОНИ
Постојат неколку видови на надворешни микрофони кои би можеле да ги користите за да снимите звук за вашето аудио. Некои од нив можат да се вклучат директно во телефон/фотоапарат, додека пак за други се потребни посебен вид на апарати или посебни аудио снимачи на звук.
Бубица: овој тип на микрофон е најмал од сите, доста е познат и е најефтината опција кога станува збор за надворешните микрофони. Бубицата е тип на микрофон кој доаѓа со мала штипка, и затоа многу лесно се поставува бидејќи може да се закачи на облека. Многу често се користи во интервјуа на телевизии бидејќи дава одличен звук. Одлична опција за ваков микрофон која не чини многу пари е Boya BY-M1 микрофонот кој на амазон (за време на пишувањето на овој блог) чини само 14 долари (без достава). Овој микрофон можете да го вклучите директно во фотоапарат/паметен телефон/ лаптоп.
Бум/Шатган: овој микрофон го добил своето име поради неговата долгнавеста форма. Станува збор за микрофон кој би го користеле во видео доколку сакате да снимате кадри во кои микрофонот воопшто нема да се гледа. Неговата предност е во тоа што има подолг дофат и затоа многу често се позиционира на 25+ сантиметри над личноста која ја снимате. За да користите шатган микрофон најчесто ви е потребен надворешен аудио снимач. Но, како и со бубицата, така и кај овој тип на микрофони има опции кои може да се вклучат директно во фотоапарат/паметен телефон. Таков пример е Deity D3 Pro.
Студиски: покрај тоа што се користат во студио за снимање вокали, овој тип на микрофони многу често се користат за снимање подкасти и влогови. Во споредба со сите останати видови микрофони, карактеристично за студиските микрофони е тоа што се многу осетливи на звук. Тоа си има свои предности, затоа што овој тип на микрофон најсоодветно ќе го сними вашиот глас. Но, осетливоста има и свои недостатоци, затоа што снимањето со ваков микрофон треба да се прави во просторија која може е звучно исконтролирана, односно просторија во која освен гласот кој го снимате нема да има други звуци. Многу познат, и често користен микрофон од оваа категорија е Rode NT1-A. За да користите студиски микрофон, потребно ви е да го приклучите во засебен аудио снимач или да го поврзете на компјутер преку звучна карта.
Динамичен: динамични микрофони се оние кои се користат за вокали за време на јавни настапи и концерти. Истите може да се користат и за озвучување на видео, иако тоа многу ретко се прави. Предизвикот со ваквиот тип на микрофони е тоа што не можете да ги приклучите директно на фотоапарат/паметен телефон. Најпознат во оваа група на микрофони е Shure SM58. За да користите студиски микрофон, потребно ви е да го приклучите во засебен аудио снимач или да го поврзете на компјутер преку звучна карта.
ЗАКЛУЧОК
Иако подобрувањето на квалитетот на аудиото во видеата подразбира инвестиција, сепак ивестирањето во добар микрофон е важно исто како и инвестирањето во добро осветлување. Добрата работа е што за да го подобрите аудиото на вашето видео нема потреба да трошите многу пари - доколку сте кнап со буџетот. Можете да купите бубица микрофон и за само 1-2 илјади денари вашите видеа ќе добијат сосема нов звук.
тагови
Comments