Зголемената продажба е една од главните цели на сите бизниси на пазарот. Но, како да ја постигнете таа цел со вашиот бизнис? Кои се чекорите кои можете да ги преземете за продажбата на вашите производи и услуги да се зголеми?
Минатиот пат пишувавме за тоа како видео маркетингот им помага на потрошувачите да донесат одлука. Овојпат го продолжуваме разговорот во таа насока и ќе ја обработиме темата за зголемената продажба која е резултат на добрите и креативни видео маркетинг стратегии кои ги користат бизнисите.
Со оглед на тоа што видеото силно влијае врз одлуките на потрошувачите, видео маркетингот очигледно е една од причините зошто некои бизниси имаат зголемена продажба, а други не.
Во овој блог ќе размислуваме за причините зошто видеата помагаат во зголемената продажба, и какви видеа би ви помогнале во исполнувањето на таа цел.
ЗОШТО ВИДЕО МАРКЕТИНГОТ ЗГОЛЕМУВА ПРОДАЖБА?
Според истражувањата на компанијата Wyzowl, видео маркетингот им помогнал на 76% од бизнисите да ја зголемат својата продажба.
Истата компанија како дел од друга серија истражувања дошла до заклучок дека 74% од интернет корисниците кои биле интервјуирани купиле одреден производ или услуга откако погледнале видео за истиот/истата.
Видеата не само што им помагаат на интернет корисниците да бидат свесни за вашиот бизнис и квалитетот на производите и услугите кои ги нудите, туку истовремено и имаат значајно влијание врз продажбата на истите. Не е ни чудно што не само големите, туку сѐ повеќе и средни и мали бизниси се одлучуваат за примена на видео маркетинг.
КАКО ВИДЕАТА ЈА ЗГОЛЕМУВААТ ПРОДАЖБАТА?
Предноста на видеото во споредба со сите останати средства за пренесување информации е во тоа што видеото е сеопфатно. Видеото е комбинација на слика, звук, движења (а некогаш и анимации) кои на најефективен начин и за најкраток можен рок ја пренесуваат пораката до потенцијалните клиенти. Сето тоа им помага на клиентите не само да видат што нудите, но. да се запознаат со вашата компанија.
Втората важна предност на видеото е во тоа што видеото на најсоодветен начин го прикажува вашиот производ/услуга, без притоа потенцијалните потрошувачи да мора да дојдат во вашата продавница. Можете да се обидете вашите производи/услуги да ги претставите преку текст или слика, но видеото им помага да видат како ќе изгледа нивниот живот кога ќе ги користат истите.
Двете горенaведени предности на видеото значително влијаат врз одлуката на потрошувачите, а следствено и врз зголемената продажба на вашите производи/услуги. Ако пред интернет публиката успеете да ги претставите вашите квалитетни производи/услуги на креативен начин, статистиката и искуството ви ветуваат добри резултати.
КАКВИ ВИДЕА?
Постојат различни типови видеа кои можат да ја зголемат вашата продажба. Овде накатко ќе ги спомнеме и објасниме трите најпопуларни типови.
ПРОДУКТ ВИДЕО: како што кажува самото име на овој тип видеа, станува збор за видео кое го објаснува производот или услугата која ја нудите. Покај опис на поизводот, ови видеа треба да им помогнат на клиентите да ги видат и придобивките од она што го нудите.
ПРОМОТИВНО ВИДЕО: промотивни видеа се користат тогаш кога имате некој нов производ или услуга и сакате да ги прикажете пред јавноста за прв пат. Промотивното видео им помага на интернет корисниците кои веќе се запознаени со вашиот бизнис да видат што ново имате да им понудите.
ПРЕПОРАКИ: на англиски познати како testimonials, овие видеа им помагаат на интернет корисниците да слушнат искуство од прва рака од некој клиент кој веќе ги користел вашите производи и услуги. Нема ништо лошо во тоа самите вие да го пофалите вашиот производ/услуга, но големо влијание ќе имаат зборовите на некој ваш веќепостоечки клиент кој ќе се обрати кон потенцијалните клиенти.
Што и да сакате да направите, имајте на ум дека видеото мора да биде со јасна порака, и квалитетно сработено.
ЗА КРАЈ
Видео маркетингот значително влијае врз продажбата на производите и услугите кои бизнисите ги нудат на пазарот. Доколку сакате да бидете во чекор со останатите бизниси кои веќе ги гледаат плодовите од применувањето на видео маркетинг, време е да преземете чекор во таа насока и да започнете. Вложувањето во добра видео маркетинг стратегија е всушност инвестиција, која многукратно ќе ви се врати.
тагови
Comments